Малдиви, службено Република Малдиви е островска држава во Индискиот океан, југозападно од Индискиот полуостров. Се состои од околу 1200 острови, групирани во 26 атоли, меѓу кои околу 200 се населени, а 80 се користат исклучиво за туризам. Официјалната религија е Ислам, а јазикот на поголемиот дел од жителите е дивехи, индоевропски јазик сроден на сингалски, главниот јазик на Шри Ланка. Индустријата се темели врз туризам и риболов.